Силното невреме удри по градинарите во Струмичкиот регион , градинарите без осигурителни полиси

Силното невреме од град зафати повеќе делови од Струмичкиот регион. Во Струмичко корнеше дрвја, носеше пластеници со пиперки и домати.

Климатските промени носат сѐ почести невремиња, но и покрај субвенционирањето од државата, земјоделско осигурување имаат помалку од 4.000 земјоделци. Тие се потпираат на отштетите што ги добиваат од државата.

Земјоделците се потпираат на помошта од државата. Тие знаат дека доколку се случи некоја временска непогода, ќе дојде општинската комисија да направи процена и потоа тие ќе добијат финансиска помош од државата. Но, таа помош преку владината комисија е од 10 до 30 проценти од настанатата штета. Преку осигурителна компанија би можеле да добијат повеќе пари. Државата покрива 60 отсто од осигурувањето на земјоделците, а најмногу до 150.000 денари, но ни оваа субвенција не ги мотивира земјоделците да се осигурат. Тоа е резултат на недоволната информираност за важноста на осигурувањето и поддршката од државата од 60 проценти за осигурителна полиса, потоа недовербата што ја имаат во осигурителните компании и поедноставно им е, односно подобро им е да бараат обесштетување од државата. Ваквата состојба и ваквиот начин на размислување на земјоделците не е добар ниту за државата, која годишно исплаќа и до 5 милиони евра за штети од временски непогоди. Овие пари можат да се насочат во мерки што трајно би ги решиле проблемите, како мрежи за заштита од град или да се пренаменат во мерка со која секој земјоделец со апликацијата за субвенции би добил и осигурување.

За дополнителни информации за земјоделско осигурување може да се обратите во канцеларијата на “ПроАгро Фармери” или на тел.број 070 389 034 .