Се заканува ли колапс на струмичкиот аграр? Експертите велат дека последниве години стагнира земјоделството во најголемата македонска градина која во бруто земјоделскиот производ учествува со 30 проценти. Причините за оваа состојба се неколку.
„За жал, земјоделците се демотивирани од ниските откупни цени и со проблемот за наплата на производство, се плашат да направат поголеми инвестиции, не ги користат активните мерки и се иселуваат од земјата. Младите земјоделци масовно се иселуваат и има само повозрасни луѓе кои работат на своите површини“, изјави Борче Јанев од Проагро фармери Струмица.
Во оваа насока одат и бројките по последниот повик за мерката „Млад земјоделец“. Од пристигнати 1040 апликации на ниво на Македонија, само десетина биле од струмичко, вели Јанев.
„Откупни центри има доволно, но треба да се работи на пронаоѓање на нови пазари со повисока цена и ако се работи на отворање на нови преработувачки капацитети со што на нашето производство да му дадеме дополнителна вредност за производот . Конкурентни се доста, со врвен квалитет, квалитетот ни е врвен, но не се плака како што треба“, изјави Јанев.
На последно објавените податоци на Државниот завод за статистика во септември годинава, а се однесуваат на 2016 година, Југоисточниот регион е лидер и во учеството во растителното производство, со 36 проценти. По него следува Пелагонискиот регион. Експертите советуваат за да може струмичкото поле да остане на врвот во создавањето на бруто земјоделскиот производ мора да се обучуваат и едуцираат земјоделците за искористување на националните програми, но и европските финансиски инструменти за поголеми инвестиции во земјоделството за поголем принос, подобра цена и повисок приход.
Линк од интервјуто https://tv21.tv/mk/stagnira-zemjodelieto-vo-strumichko-dali-toa-znachi-kolaps-na-najgolemata-gradina/?utm_source=daily.mk&utm_medium=daily.mk
Репортер: Катерина Дафчева