За прв пат во Струмица во организациија на здружението „ПРОАГРО ФАРМЕРИ“ на 30 и 31 август ќе се одржи „АГРО САЕМ Струмица 2019“.
Саемот ќе биде отворен претпладне од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, високи гости од ЕУ, УНДП и градоначалникот на општина Струмица.
Попладне ќе биде одржана културно-уметничка програма на традиционални песни и ора од Југоисточна Македонија, каде што ќе има над 100 учесници и голем број на посетители.
Претседателот на здружението, Борче Јанев упатува јавна покана до сите заинересирани деловни субјекти од агро секторот да ја искористат оваа можност за нивно учество на саемот и презентирање на нивните производи.
Саемот ќе биде одлична можност каде што фармерите ќе можат да го претстават автентичниот начин на производството на градинарски производи, храна, вино, мед, додека пак увозниците на механизација ќе ги претстават последните технолошки достигнувања во производствениот процес.
Учество на саемот ќе земат фирми од областа на земјоделството и преработувачката индустрија, кои можат да ја искористат оваа одлична можност за промоција на своите производи и поврзување со деловни партнери од сите краеви на Македонија.
Посетителите на штандовите ќе имат можност да ги вкусат традиционалните македонски земјоделски производи и храна, но и да се запознаат со можностите за рурален туризам што ги нуди Југоисточниот регион. Дополнително поситетелите и изложувачите ќе имаат можност за воспоставување на меѓусебни контакти и размена на искуства.
Вториот ден ќе бидат организирани поединечни презентации на фармерите на своите производи и презентации од страна на дилерите на механизација за најновите трендови во земјоделието, додека од страна на општините ќе бидат презентирани нивните можности за рурален туризам.
Саемот и дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово”, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD), која е финансирана од Европската унија (ЕУ), спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со свој средства во проектот учествува и Општина Струмица.
„Агро Саемот Струмица 2019“ е финансиран и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од својата програма за организирање на настани за промоција на земјоделските производи.