Македонците сакаат органска храна

АХВ спроведе анкета на околу 1.000 потрошувачи во сите региони на Македонија. Ја декетираше перцепцијата за органските производи.

Истражувањето покажа дека потрошувачите сакаат органска храна. Сметаат дека органските производи се здрави, но и дека се со ограничена достапност, дека не се наоѓаат во сите маркети и продажни места, туку само на одредени.

Вкупно 21 отсто ја есапат органската храна за здрава, а 47 проценти ја дефинираат здравата храна како природна.

Според анкетата, она што најмногу ги мачи потрошувачите во однос на органската храна, се измамите и (не)довербата.

Потрошувачите,  се повеќе бараат органско и сакаат да им биде испочитувано правото на избор. Но, сакаат и да бидат сигурни што купуваат. Инсистираат да има официјален, ажуриран и систематизиран регистар на органски производители, како и да се врши компаративно тестирање на производите.

Производителите, пак, го посочуваат како клучно брендирањето и пакувањето. Тоа, сметаат, е најбитно за стекнување доверба кај купувачите. Укажуваат на потребата од поголеми контроли во маркетите и на соодветно поставување на органските производи при продажбата. Ситуацијата ја опишуваат како два паралелни света – закони, мерки и стратегии на една страна, производители, реалност, состојба на терен, на друга. Децидни се дека потрошувачи има, има и куповна моќ, но продажните канали не се разработени, што е делумно поврзано со регулативата – колку е јасна или не, колку е прецизна.

Проекциите на Македонија до 2020 година се четири отсто од вкупното обработливо земјиште да биде под органско производство. Засега, оптимиситчка е состојбата само во сточарството каде лани 3,57 отсто од производството било органско што е речиси четири проценти, колку што изнесува и проекцијата за 2020 година. Од 2013 до 2017 година има удвојување на бројот на животните и пчелите во органското производство. Во делот на растителното производство, пак, површините се намалуваат, но охрабрувачки е што расте бројот на фармери и во моментов изнесува 680.