Отворен нов Јавен повик за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површински води
Од денеска до 27 јануари 2022 година земјоделците ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка од Прогарамата за рурален развој преку мерката 121.4 „Набавка на систем капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површинска вода. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, информира дека за добивање на оваа поддршка може да аплицираат сите земјоделци кои се евидентирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
„Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски на e– baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник. “ – информира Бачовски.
Со овие средства може да се набават подземни и надземни системи за наводнување капка по капка, набавка на приклучна опрема ( филтри, пумпи, цевки и спојни елементи), опрема за електрична инсталација за снабдување со струја вклучително и енергетска ефикасност, агрегати или генератори и придружна инсталациона опрема, софтвери за управување и контрола на системот за наводнување, градежни зафати за бунари, изработка на студии и елаборати. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот а во висина 50 до 70 отсто од вредноста на одобрените и прифатливи трошоци за инвестиции. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за различни мерки од Програмаат за рурален развој. Барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со АФПЗРР. Краен рок за доставување на е барања е 27 јануари 2022 година. Барањата кои не се поднесени електронски нема да бидат разгледувани.