Почеток на проектот “GreenHUB4idea”

Струмица е една од економски поразвиените општини во југоисточна Македонија, позната по земјоделство, прехранбена индустрија и растечка услужна економија. Но, и покрај тоа, младите се соочуваат со сериозни предизвици при нивната економска интеграција.

Општина Струмица се соочува со сериозен предизвик – висока младинска невработеност од 36,7%, што е значително над националниот просек ( 27.5 % ) и претставува сериозен социо-економски предизвик.

Оваа состојба е резултат на ограничена диверзификација на економијата, силна зависност од сезонско земјоделство и туризам, како и недостиг на системска поддршка за младинско претприемништво. Последиците се масовна миграција на младите, губење на креативен потенцијал и намалено активно граѓанство. Со ова младите се директно засегнати – живеат во средина со ограничени можности, но покажуваат висока мотивација и подготвеност за промена доколку добијат поддршка.

Сепак, постојат и значајни можности: развој на зелени и иновативни социјални претпријатија (органско земјоделство, рециклажа, еко-туризам), инклузија на ранливи групи и партнерства со локалната самоуправа и бизнисите.

Преку формирање младински хаб, како „GreenHUB4IDEA“сакаме да ги потикнеме младите да направат промени во општеството, да се здружат околу некоја идеја односно хабот да биде место каде што ќе доаѓаат луѓе со идеи.

Дополнително младите ќе добијат пристап до обуки, менторство и мрежи што ќе им овозможат да ги претворат своите идеи во одржливи социјални претпријатија, со што ќе се намали невработеноста и ќе се промовира зелената агенда

GreenHUB4idea – е дел од проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Македонија’ имплементиран од страна на Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023