До први септември годинава се исплатени 99 отсто од ланските субвенции или реализирани се вкупно 6,8 милијарди денари, соопшти денеска директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.
На средба со новинари во Агенцијата, Бабовски информира дека околу 80 проценти е реализацијата на буџетот за трите видови поддршка во земјоделството: директните плаќања (субвенциите), поддршката за руралниот развој и за рибарството и аквакултурата.
Според директорот, најмногу од средствата се распределени за градинарството, а најмалку за органското производство.
Бабовски напомена дека е значително зголемена и реализацијата на ИПАРД средствата. На првиот јавен повик од ИПАРД 2 Програмата се доставени 1.680 апликации и засега се потпишани 800 договори, но се очекува оваа бројка да достигне 900.
– Следниот ИПРАД 2 повик ќе биде објавен наскоро. Не можам да прецизирам кога, но секако тоа ќе се случи до крајот на годинава. Желба на Агенцијата е да им помогне на земјоделците да повлечат што повеќе расположливи средства кои потоа би се слеале во македонската економија, рече директорот, укажувајќи дека вкупниот број договори за целата ИПАРД 1 Програма изнесуваше 1.093, а сега, само со првиот повик за ИПАРД 2 речиси се достигнува оваа бројка.